Македонија
2. September 2016 - 14:02

Донација од Германија за кочанската градинка „Павлина Велјанова“

Градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски потпиша договорот со Амбасадата на Сојузна Република Германија за реализација на донација за детската градинка „Павлина Велјанова“.

Градоначалникот Димитровски информира дека станува збор за договор за примање донација за опремување на две занимални во градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани.

- Донацијата е од Германија по барање за финансиска поддршка за реализација на мал проект и е во вредност од 284.905 денари, изјави Димитровски.

Со овие средства ќе се набават 18 масички, 50 столчиња и 50 креветчиња и ќе се стават во функција уште две простории во детската градинка, со што ќе создадат услови за зголемување на опфатот на децата во кочанската предучилишна установа.