Македонија
19. August 2016 - 21:44

Донации од Република Словачка и Република Холандија за настраданите во поплавите

Донации од Република Словачка и Република Холандија за настраданите во поплавите во скопскиот и тетовскиот регион, беа предадени на Дирекцијата за заштита и спасување. 

Словачкиот амбасадор Мартин Безак рече дека помошта е во вредност од 63.000 евра и се состои од пакети за лична хигиена, средства за дезинфекција, како и пумпи, мантили за дожд и вреќи за спиење.

Вршителот на должноста амбасадор на Кралството Холандија Андри ван Менс рече дека ништо не може да ја надомести човечката штета направена од поплавите и изрази надеж дека медицинската помош во вредност од 500.000 евра ќе придонесе за надминување на последиците.

– Холандската Влада ја испрати помошта скоро веднаш по катастрофалните поплави, и таа пристигна во Македонија денес, на денот кога Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден на хуманитарноста, во чест на сите хуманитарни работници и волонтери. Меѓународната заедница го знае Скопје како град на солидарноста, и ова уште еднаш го докажуваат сите луѓе и организации кои деноноќно работат за да ги расчистат и обноват областите зафатени од поплавите. Како долгогодишен пријател и поддржувач, Холандија ќе продолжи да обезбедува помош за Македонија и понатаму“ - изјави Вршителот на должноста Амбасадор на Кралството Холандија, Андри ван Менс.

Донациите беа предадени во кругот на касараната Гоце Делчев во населбата Аеродром, каде се наоѓаат просториите на Дирекцијата за заштита и спасување. Помошта е одговор на барањето за помош испратено од македонската Влада во рамките на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија.

Во Република Македонија досега преку Механизмот за цивилна заштита пристигнаа донации од Грција, Австрија, Чешка, Унгарија и Бугарија.