Македонија
26. January 2017 - 14:04

Домот на културата во Ресен носител на повеќе значајни проекти

Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен во 2017 година ќе биде носител на три клучни проекти од областа на културата кои се одобрени во годишната програма на Министерството за култура.

Директорот на Домот, Васко Василевски информира дека се работи за проекти во делот на фолклорна и сценско-уметничка, визуелни уметности, архитектура и дизајн и библиотекарската дејност.

- Во фолклорната и сценско-уметничката дејност и годинава ќе биде одржана автентичната и препознатлива за овој регион манифестација „Иванки“, која се одржува по повод празникот Иванден. Од визуелни уметности, архитектура и дизајн тука е проектот „Акварелите од чешмата кај Доча“, а од библиотечната дејност – „Овозможување пристап и непречен проток на информации за библиотечните фондови“, појасни Василевски.

Одобрувањето на овие проекти, според него, е продолжување на континуитетот на работа на оваа културна установа во Ресен, која покрај проектите одобрени од Министерството, во текот на годината работи на одржување на голем број настани со поддршка на локалната самоуправа. Потврда за тоа, како што нагласи, се околу 40-тина културни настани одржани изминатата 2016 година.

Како дел од поголемите настани на домот на културата во првиот квартал од годината предвидена е манифестацијата „Вредните раце на Преспанската жена“. По повод Светскиот ден на книгата, ќе биде промовирана книга на локален автор, на која ќе се одржи и средба со читатели. Претходно ќе биде објавен и награден конкурс за тој настан, во чии рамки ќе се одржи и изложба. Предвидени се и неколку гостувања и музички настапи.

Василевски издвои дел од настаните кои привлекле најголемо внимание кај публиката лани меѓу кои ги спомена трите претстави на драмската секција, концертите на Школата за пијано, манифестацијата „Иванки“, новогодишниот хепенинг...

- Драмската секција при домот успеа да реализира три претстави, кои беа одиграни во преполна сала и дочекани со овации од публиката, иако станува збор за актери-аматери. Тоа беа претставите „Реонска болница“, „Сомнително лице“ и „Испревртена цивилизација“. Школата за пијано која работи во просториите на Домот на културата одржа два концерти, на кои ги прикажа достигнувањата на учениците, а посебно на публиката и се допадна концертот на филмска музика, на која учениците свиреа композиции од филмски дела, рече Василевски.

Ресенската публика имала можност да ги проследи и гостувањата на неколку театарски куќи, вечерта на црковно византиско пеење со хорот „Св. Ахил Преспански“, музичко-поетската вечер со Петар Горко и Емилија Сарафска, концертот на класична музика на триото „Интерарт“,...