Бизнис
15. March 2019 - 20:06

Домашните компании бараат странските фирми да бидат обврзани да соработуваат со нив

Бизнисот бара странските инвеститори задолжително да соработуваат со домашните компании. Сметаат дека треба да ја примениме праксата од другите држави според висината на субвенциите што ги добиваат странските компании да се определи процент на учество на локални суровини во нивниот краен производ.

“Ако веќе од нас како даночни обврзници земаат пари мора да имаат некаква обврска за да се бара нешто назад, тое е сосема нормално и логично барање”, вели Трајан Ангеловски, член на Управен одбор на Сојузот на Стопански Комори.

Од Владата велат дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите, усвоен лани во соработка со бизнис секторот, меѓу другото има за цел да ја подобри соработката меѓу домашните и странските компании што работат овде, но не со воведување ограничувања, туку со стимулативни мерки.

“Во Законот за финансиска поддршка на инвестициите е предвидена мерка, преку која на странска компанија која од вкупните набавки, 15% остварува преку компании регистрирани во Република Северна Македонија, Владата обезбедува поддршка од 1% од вкупната вредност на набавките на компанијата. Воедно со самиот закон се обезбедува поврат на 10% од инвестиции, кои пак домашните компании ги прават, за набавка на нови машини и опрема, односно осовременување на производство и постигнување на соодветни стандарди кои ги бараат странските компании. Ова значи дека истовремено се работи на технолошкиот развој на домашните компании со цел да станат добавувачи на странските, но и стимулирање на странските компании да ја подобруваат соработката со домашните”, пишува во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.

Анализите покажуваат дека само 4% од локалните фирми се дирекни снабдувачи на компаниите од зоните. Домашниот бизнис се жали дека странските инвеститори се затворени за соработка. Велат дека полесно им е да најдат купувач во Западна Европа, отколку во Бунарџик.

“Се увезува 1 милијарда долари, а се извезува само нешто над тој износ. Тоа е толку мало и беззначајно учество како протечен болјер-колку влегува, толку излегува”, вели Трајан Ангеловски, член на Управен одбор на Сојузот на Стопански Комори.

Сепак, стопанствениците се согласни дека за да се зголеми продажбата во зоните, фирмите од земјава мора да работат на кадровски, технички и материјални подобрувања.