Бизнис
18. October 2018 - 19:12

Домашната пченица скапува, државата купува српска за потребите на стоковите резерви

Додека македонската пченица скапува по амбарите, државата за стокови резерви откупува српска пченица по 13,5 денари од килограм. Ова е срамота ! Со ваков став на денеска на мирен протест пред силосите за стокови резерви излегоа земјоделците од прилепско кои велат дека можеби 40% од минатата реколта на пченица земјоделците ги немаат продадено бидејќи цената била од 7 до 8 денари за килограм. Бараат државата прво да ја откупи целата македонска пченица, па после да увезува.

„Што, ние немаме пченица? Не сме ние земјоделци? Сите мелничарски индустрии ги поминав низ цела Македонија, најквалитетна пченица имав, со докази, мерени сите параметри за брашно што се, сите ми викаа 7 денари и тоа на отплата до Нова Година“, рече Итат Исмаилоски, земјоделец.

„Квалитетна македонска пченица стои по домашните амбари, никој ни сака, ни бара, по 8-9 денари. Јас имам 200 тони пченица оставено дома, чекам цена. Голема загуба имам“, вели Тони Стојкоски, земјоделец.

Земјоделците обвинуват дека позади целата оваа ситуација стоел интересот на одрени луѓе од власта кои профитирале од овој откуп.

„Сега оваа истата пченица ја купуваат истите фирми, истите луѓе, а кога ќе дојде време да се празнат стоковите резерви, истите луѓе ја туркаат цената, значи разлика од 6-7 денари по килограм, тоа е голема разлика, големи пари. Тоа е целата игра. Затоа нашата пченица стои“, вели Славе Караилиоски, земјоделец.

Од Министерството за земјоделство истакнаа дека на почетокот на јули годинава Агенцијата за стокови резерви објавила оглас за јавна набавка на меркантилна пченица за потребите на стокови резерви. На барање и инсистирање на Министерството, се направиле 10 лота по 100 тона, со цел да им се овозможи и на помалите производители да ја продатат пченицата на стокови резерви. Сепак, ниту еден домашен производител не се пријави и не ја искористил оваа можност.