Бизнис
7. January 2020 - 16:35

Домаќинствата во земјава должат 3 милијарди евра за кредити

Црвените салда на тековните и долговите по кредитини картички на македонските граѓани чинат приближно колку вкупната цена на автопатот Кичево Охрид.

Македонците се во минус од 217 милиони евра на своите тековни сметки. По основ на кредитни картички должат уште 378 милиони евра. Овие бројки ги покажува статистиката на централната банка заклучно со октмври лани.

Вкупниот долг на домаќинствата во земјава изнесува близу 3 милијарди евра. Половината од долгот е по основ на потрошувачки кредити за кои банките не бараат поголеми гаранции, ниту пак прашуваат за намената на парите. Дури третина од банките лани ги олесниле условите за овие кредити.

Лани банките нуделе најдобри услови за станбен кредит во псоледните пет години. Но задолжувањето за ваков тип инветсиции е многу помало споредено со долговите за трошење. По основ на станбени кредити граѓани должат 804 милиони евра. и уште 14 милиони евра за реновирање.

Податоците на централната банка покажуваат дека Македонците најмалку бараат кредит за да купат нов автомобил. По овој основ должат само 5 милиони евра.

Прогнозите за годинава се дека кредитирањето ќе расте. Дополнителен импулс за повеќе кредити можат да дадат државните мерки за зголемување на платите што ќе ја зголеми кредитната способност на граѓаните.