Бизнис
5. October 2020 - 16:44

Долгот на државата ќе се приближи до една милијарда, новиот пакет мерки носи нови задолжувања

Економијата ќе падне повеќе, долгот ќе расте побрзо. Владата синоќа го усвои ребалансот на буџетот. Плановите за собирање пари остануваат на истото ниво, ставката расходи се зголемува за да може да се реализираат мерките за помош на граѓаните и стопанството од четвртиот пакет. Ова ќе придонесе минусот во буџетот до крајот на годината да стигне до 920 милиони евра. За да се реализираат трошоците на државата ќе и фалат околу 250 милиони. Стотина од нив ќе бидат позајмени од депозитите на државата, а остатокот од 100 до 150 милиони ќе биде задолжување со краткорочни хартии од вредност на домашниот пазар. Јавниот долг најверојатно ќе надмине 60% од БДП до крајот на годината.

Со ребалансот се кратат 20 милиони евра од парите наменети за капитални инвестиции. Досега реализацијата на проектите е слаба и изнесува само 43%, затоа од секаде од каде се знае дека парите нема да се потрошат е скратено.

Економијата до крајот на годината ќе падне за 4,4% или повеќе од претходните сценарија на Владата. Вториот ребаланс годинава ќе биде доставен веднаш до собранието за  побрзо да се обезбедат пари за антикризните мерки.