Тенис
22. August 2017 - 10:19

Долгополов под истрага за местење

Единицата за интегритет во тенисот (ТИУ) соопшти дека под истрага е мечот помеѓу Украинецот Александар Долгополов и Бразилецот Тијаго Монтеиро. Мечот е одигран во рамките на првото коло на турнирот во Винстон-Салем, САД, пренесоа британските медиуми.

Како што се наведува, истрагата е покрената откако неколку обложувалници го тргначе мечот од понудата поради сомнителни уплати.

Монтеиро, 114. на АТП листата, во неделата за само 55 минути со 6:3, 6:3, го победи Долгополов, 68. на АТП листата. Украинецот на овој меч немал ниту една топка за брејк.

Неколку часа пред почетокот на мечот биле уплатени големи суми пари за победа на Монтеиро, поради што неколку обложувалници ја стопирале уплатата и го тргнале мечот од понудата.

ТИУ минатиот октомври соопшти дека истражува дали еден меч на Вилмблдон одигран лани бил „наместен“, а истражуваше и неколку сомнителни мечеви на УС Опен.