Македонија
26. October 2017 - 13:59

Документарниот филм „Езеро од јаболка“ награден на фестивал во Белгија

Документарниот филм „Езеро од Јаболка“ поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за развој и соработка ја доби главната награда за документарен филм за животна средина на фестивалот Nature Namur во Белгија во конкуренција на десетици филмови од целиот свет.

Фестивалот е еден од најпрестижните за документарни филмови кои обработуваат теми од екологијата, заштитата на животната средина и одржлив развој. 

„Езеро од јаболка“ е 30-минутен филм на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска кој ги доловува резултатите од долгогодишните напори за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро. Светската промоција на документарниот филм „Езеро од јаболка“ беше во Скопје на 24 март годинава.

Последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа имаат усвоено модерни производни практики и со тоа значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и вода за наводнување. Ова намалување на внесот на загадувачки материи во езерото, овозможи да се спречи деценискиот тренд на нарушување на неговата еколошка состојба и да отпочне процесот на негово обновување, што се потврдува со редовните контроли на квалитетот на водите.

УНДП, Швајцарската агенција за соработка и развој и Општина Ресен во изминатите 15 години во вложија 15 милиони долари за спас на Преспанското Езеро.