Македонија
4. November 2017 - 10:04

Документарни филмови на фестивалот „Десонанз“

Од денеска до 7 ноември во Кинотеката на Македонија ќе се одржува филмска програма на фестивалот „Десонанз“, специјално селектирана од интернационалниот фестивал на документарен филм „Докуфест“ од Призрен, Косово, кој од 2002 се одржува секоја година во август. 

Вечер ќе биде прикажан документарецот „Тони Конрад: Сосема во сегашноста“ посветен на животот и кариерата на Тони Конрад - уметник, музичар, режисер и пионер на експерименталниот филм кој заедно со неговите современици ЛеМонт Јанг и Џон Кеј го инспирираат создавањето на култните „Велвет андерграунд“.

На програмата утре (5 ноември) е селекцијата на краткометражни музички и експериментални документарни филмови: „Комитет“ во режија на Гунхилд Енгер; „Гринго од зелениот екран“ на Дуве Џикстра; „Химерискиот музеј на менување облици“ на Дамиан Алкерике; „Нежна ноќ“ на Ки Јанг; „Диското сјае“ на Кема Гарсија Ибара и „Една ноќ во Торорики“ во режија на Роксана Стро. 

На 6-ти и на 7 ноември од 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани првиот и вториот дел од филмот „Хипернормализација“ кој е еден од најгледаните и најактуелни документарни филмови во 2016 година. Филмот е на британскиот режисер Адам Кертис и е направен во соработка со Би-Би-Си.