Македонија
26. February 2016 - 8:44

Документарен филм за поетот и академик Радован Павловски

Друштвото на писателите на Македонија денеска напладне ќе промовира документарен филм - портрет за поетот и академик Радован Павловски. 

Филмот е насловен „Од Река до вечноста“ по сценарио на Лидија Мешкова, режија на Љупчо Стојановски и во продукција на Културно-уметничката програма на Македонската телевизија. 

На промоцијата на филмот во ДПМ ќе зборува д-р Иван Џепароски, а на присутните ќе им се обрати и поетот Радован Павловски. 

Неодамна Друштвото на писателите на Македонија ја одбележа 80-годишнината од раѓањето на  Павловски.

- Неговиот богати опус, во кој влегуваат и култните книги „Суша, свадба и селидби“, „Корабија“, „Високо пладне“, „Зрна“, „Молњи“ и „Клучеви“, остави силен печат во развојните процеси на современата македонска литература, наведува ДПМ.

За естетските дострели во својата поезија Павловски е носител на високи книжевни признанија во земјата и во светот. Автор е на поетските манифести „Епското на гласање“ (1960) и „Манифест на Поетска Република Железна Река“.