Македонија
29. November 2015 - 9:11

Документарен филм за Ингмар Бергман во Кинотека

Документарен филм за култниот шведски режисер Ингмар Бергман ќе биде прикажан вечер во Кинотека на Македонија.

Во филмот со оригинален наслов „Tresspassing Bergman“, режиран од Џејн Магнусон и Хајнек Палас, светски познати режисери и актери како Вуди Ален, Вес Андерсон, Френсис Форд Копола, Вес Крејвен, Роберт де Ниро, Клер Денис, Лора Дерн, Такеши Китано..., зборуваат за нивните релации со Бергман и неговите филмови.

Проекцијата ќе биде проследена со дискусија со Палас, еден од режисерите на филмот, кој е гостин на Кинотеката.

Шведскиот филмски режисер Ингмар Бергман во 1960-тите избира да се повлече од Стокхолм на остров во Балтичкото Море. За време на неговиот живот, точната локација на куќата била добро чувана тајна. Тука тој ќе живее и ќе сними некои од неговите антологиски филмови, се до смртта во 2007 година.

- Ако кинематографијата беше религија, тогаш ова ќе беше Мека, Ватикан. Ова е центарот на се, вели Алехандро Гонзалез Ињариту додека влегува на имотот на Бергман на далечниот остров Фаро во една студена ноемвриска ноќ во 2011 година. 

Проекцијата на филмот и гостувањето на Палас се реализира со поддршка на Шведската амбасада.