Македонија
25. March 2019 - 16:41

Докторска трка во Охрид и Дебар, ждрепка во ДИК за редните броеви на кандидатите

Меѓу 5 кандидати во Охрид и по двајца во Дебар и Ново Село ќе се бараат имињата на тројцата нови градоначалници кои за место во власта ќе се борат на вонредните локални избори кои ќе се одржат заедно со претседателските.

Најголема конкуренција има во Охрид.  Иако се очекува докторска битка меѓу неврохирургот Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ и интернистот Константин Георгиевски од СДСМ, своите шанси ќе ги бараат и кандидатите на ГДУ, Демократи и албанската БЕСА.

Докторска битка ќе се води и во Дебар. Педијатарот Арбен Аголи ќе се обиде да ја преземе власта од ДУИ кои во оваа трка го пуштаат урологот Хекуран Дука.

Бели мантили во Ново Село нема да има. Таму бизнисменот НИкола Андонов од СДСМ ќе влезе во рингот со првиот човек на локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, Николчо Стоилков.

Во ДИК денеска заврши жрепката за изгледот на гласачкото ливче. Единицата е за ДУИ. Следи Алијансата на двојка. Петката е за ВМРО-ДПМНЕ, а седмицата за СДСМ. Бројките на кандидатите остануваат исти во секоја од општините каде што партиите имаат свои кандидати, па така, во Дебар ќе се избира меѓу броевите 1 и 2, во Ново Село меѓу 5 и 7, а во Охрид ќе недостигаат само бројките на ДУИ и Алијансата.

Политичките партии најавуваат фер кампања.

ДИК и денеска ги предупреди партиите да не влегуваат во кампања пред законскиот рок.

Вонредните Локални избори се одржуваат истовремено со претседателските за да ги пополнат испразнетите места откако градоначалниците на Охрид и Дебар починаа, а оној на Ново Село си поднесе оставка откако беше фатен при обид за шверц на цигари.