Македонија
29. March 2021 - 14:37

Докиќ: Треба да се практикува носење две маски на лицето

Потребно е за еден степен да се зголеми заштитата од коронавирусот, бидејќи новиот сој забрзано се шири и луѓето можат многу полесно да се заразат, рече директорот на Клиниката за пулмологија, Дејан Докиќ.

– Новиот сој на коронавирусот се шири полесно оти има мутација на протеинот. Ова настанува кај неколку мутации и постојат повеќе агресивни соеви, но сакам да кажам дека граѓаните поради таа мутација можат полесно да се заразат. Тоа значи дека треба за уште еден степен да се зголеми заштитата. Останува миењето раце, редовната дезинфекција, но треба да се практикува носење две заштитни маски на лицето – рече д-р Докиќ.

Во однос на клиничката слика, додаде тој, не може со сигурност да се утврди дали овој нов сој на коронавирусот прави потешка клиничка слика.

– Некои пациенти доаѓаат многу доцна во болница, па не можеме да утврдиме која е причината за тешката клиничка слика. Не знаеме дали е поради тоа што мутацијата е агресивна или поради тоа што луѓето се многу доцна хоспитализирани. Сите вакцини штитат од мутираните соеви, па докажно е дека соевите можат да бидат спречени доколку луѓето се вакцинираат со постоечките вакцини. Има доволно сместувачки капацитет во болниците и ги уверувам граѓаните дека лекуваме според строги протоколи – истакна д-р Докиќ.