Дојран подготвен за новата туристичка сезона
Дојран интензивно се подготвува за новата туристичка сезона. Од локалната самоуправа велат дека се работи на повеќе полиња со цел првите туристи да ги пречекаат колку е можно што подобро подготвени. Еден од главните приоритети се плажите чија површина поради надоѓањето на водата во езерото последните години беше значително намалена.
,, Со самото надоаѓање на водата просторот за плажи ни се смали, меѓутоа постојаните плажи кои што функционирале претходните години се подготвуваат со голем интензитет. Самите инвеститори и хотели исто така инвестираат во плажите и во туристичката понуда. Ние како општина двете плажи кои што ги поседуваме во месноста Николиќ и Свети Никола во месноста Карач планираме да ги издадеме.,, вели АНГО АНГОВ – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ДОЈРАН
Посебен акцент годинава ќе биде ставен на комуналната хигиена за што се планира дополнително зголемување на бројот на сезонските работници. Решен е и проблемот со оштетената пешачка патека покрај брегот на езерото за чија санација општината одвои дополнителни 10.000 евра.
,, Санацијата на самата патека не чинеше 600 000 денари, односно 10 000 евра, за неа се водеше тендерска постапка. Рушењето на самата патека како што имам напоменато повеќе пати се случи поради надоѓањето на водата, но според мене и од неквалитетната изработка, дали не било предвидено дека толку брзо ќе надојде езерото и ќе има такви последици.,, вели АНГОВ
Покрај подобрената хигиена и обновената инфраструктура , за туристите кои ова лето ќе одмараат во Дојран се подготвува и богата програма со голем број концерти, музички и гастрономски фестивали кои започнуваат на почетокот од јуни и ќе траат до крајот на август.