Македонија
11. February 2017 - 19:52

Дојран ќе ги враќа рибарските мандри

Симболот на Дојран,  популарните мандри повторно ќе никнат во водите на Дојранското езеро.

Враќањето на познатите рибарски колиби кои не се користат повеќе од дваесет години, општината го прави со намера  да ја збогати туристичката понуда, а ќе се реализираат преку програмата за аква култура на министерството за земјоделие. 

Целиот проект ќе чини околу 1 милион и 200 000 денари.

Тендерската постапка веќе тече  и по изборот за изведувачот ќе започне изградбата која е  планирано да заврши до почетокот на туристичката сезона.

-До почетокот на летото се надеваме дека тие ќе бидат изградени и ќе бидат ставени во функција на збогатување на туристичката понуда и еден вид туристичка атракција со што ќе го вратиме симболот на градот Дојран затоа што по доаѓањето на езерото веќе немаме таква автентична дојранска колиба која е препознатлива за Дојран. Сметаме дека тоа е потребно и недостасува за во иднина и туристите и луѓето овде да се запознаваатсо нив , но и да ја зачуваме таа долгогодишна традиција, вели Борче Стамов – градоначалник на Дојран.

Новите дојрански мандри  нема да бидат ставени во функција ниту на стопански, ниту на рекреативен риболов и нивната намена ќе биде единтвено за туристички цели.

Тие ќе  ги имаат сите содржини на автентичната дојранска мандра, но ќе служат единтвено за промоција на традицијата на градот и ќе бидат  можност туристите одблиску да се запознаат со стариот начин на риболов кој претставува рибарење  со помош на птици корморани во огради од трска  во кои птиците се користат како гоничи на рибата во рибарските стапици, односно мандрите.