Македонија
7. May 2017 - 16:31

Дојран ја збогатува туристичката понуда

Дојран ја збогатува туристичката понуда. Во новата сезона на туристите ќе им биде понудена уште една содржина, музеј на живиот свет во Дојранското езеро. Подготовката на музејот е во завршна фаза и се очекува да биде комплетно готов до крајот на овој месец.

Според најавите музејот посветен на живиот свет со кој располага езерото ќе понуди многу атрактивни содржини претставени на модерен начин преку кои туристите ќе може на едно место одблиску да се запознаат со природните вредноси на езерото.

Основањето на музејот се реализира како заенички проект на Природнонаучниот музеј на Македонија, општина Дојран и канцеларијата на регионалниот центар за животна средина.

- Постојаната поставка на музејот ќе опфаќа од прилика околу стотина видови од животинскиот свет кои што живеат во езерото и ќе бидат претставени на интересен начин за посетителите за да може да се запознаат со овој свет. Секако ќе биде претставен и растителниот свет на Дојранското езеро, алгите, геолошката историја на езерото и ред други интересни податоци кои што се надеваме ќе бидат доста интересни за посетителите, вели Катерина Георгиевска – директор на канцеларијата на РЕЦ во Македонија

Покрај можноста сите заинтересирани да се запознаат со големото богатство на живиот свет во езерото,  музејот треба да придонесе за едукација и подигање на јавната свест за живиот свет и неговата зависност од квалитетот на водата.

Музејот е планирано да биде поделен во два дела, еден наменет за класичната збирка на целокупната флора  и фауна и втор  интерактивен дел во кој општина Дојран ќе понуди повеќе содржини од туристички и културен аспект за сите возрасни групи.