Македонија
30. November 2019 - 13:39

Дојран денеска ја организира традиционалната Дојранска софра

Здружението на жени „Дојрана“ вечер е домаќин и организатор на традиционалната 15-та манифестација ,,Дојранска софра“ на која домаќинките од Дојран ги презентираат јадењата карактеритични за ова поднебје.

На ,,Дојранската софра“ според најавата од организаторот, ќе бидат застапени познатите специјалитети риба на трска, пржен крап, ќофте од икра, домашни сукани пити, зелници и препознатливи десерти за Дојран како што е раванијата.

– Сите рецепти по кои ги подготвуваме јадењата ги научивме од нашите баби и мајки од кои добивме аманет да ги пренесуваме од генерација на генерација. Ние тоа ќе го правиме и во иднина токму преку оваа манифестација, велат организаторите.

Домаќинките од „Дојрана“ упатија јавна покана сите заинтересирани за дегустација на познатите дојрански специјалитети да дојдат вечер во 20 часот во хотелот „Истатов“ во Нов Дојран.