Македонија
22. December 2020 - 12:24

Дојран апелира да се почитуваат антиковид мерките за празниците

Да нема групирања и да се почитуваат сите мерки и протоколи за заштита за време на претстојните празници апелираат од општина Дојран. Традиционално, овој туристички центар е еден од најпосетуваните за време на новогодишните  и Божиќните празници и токму затоа општината апелира до сите граѓани, пред се до стопанствениците и издавачите на викенд куќи, да не дозволат масовни собири и групирања во нивните објекти. Велат, дека само на тој начин  ќе се заштити личното и колективното здравје. За таа цел од страна на локалната самоуправа веќе биле преземени сите мерки во нивна надлежност, се правеле интензивни контакти и со сопствениците на сместувачки капацитети, но и од Министерството за внатрешни работи.

Од општина Дојран потенцираат дека успешноста на новата сезона ќе зависи и од тоа колку и дали се почитуваат мерките за штита. Додаваат дека секој гостин е добредојден, но тоа мора да биде согласно пропишаните протоколи и препораки од страна на здравствените власти и нивно почитување како од домаќините, така и од гостите.