Свет
30. January 2019 - 12:05

„Дојче веле“: Германската армија е во лоша состојба

Германската армија е соочена со голем број сериозни проблеми, објави Дојче веле. Извештајот по парламентарниот надзор ја опишува состојбата во армијата со недостиг на модерна технологија, недостиг на луѓе и тешка бирократија.

Според мислењето на пратениците од опозицијата, германската армија не посветува доволно внимание на екстремизам во своите редови.

Во извештајот се вели дека германските војници морале да се потпрат на хеликоптерите на цивилната авијација за да дејствуваат во Авганистан. Покрај тоа, заштитни елеци биле земени на заем. Годишниот извештај беше презентиран во Долниот дом на Парламентот.

Во него пишува дека е зачестено сексуалното вознемирување и екстремизмот во војската.

Сепак, најголем проблем останува недостигот од модерна опрема, и покрај повторните ветувања за модернизација и заложбата што владата ја презеде на самитот на НАТО во 2014 година. Најлоша е ситуацијата со тешката машинерија.

Според известувачот, Ханс-Петер Бартелс, помалку од половината германски тенкови, воени бродови и авиони се способни во кој било момент да извршат борбена задача или дури и мисија за обука. Бартелс пишува дека често не станува збор за недостиг од пари. Оваа година воениот буџет беше зголемен за пет милијарди евра на 43,2 милијарди. Но, парите не беа „прифатени“ се уште поради тешката бирократија и лошата организација.