Бизнис
11. September 2016 - 12:36

„Дојче банк“: Забавување на светскиот раст во следните 35 години

Глобалниот економски раст во следните 35 години ќе биде така бавен, што политичарите тешко ќе наоѓаат решенија за економските, социјални и политички проблеми, кои ќе настанат како последица на тоа, оценува „Дојче банк“.

За разлика од изминатите 35 години, инфлацијата и обврзниците ќе растат во текот на следните три децении, се наведува во извештајот на „Дојче банк“.

Трговците со должнички хартии од вредност наведуваат дека извештајот на „Дојче банк“ е причина за распродажба на пазарите со фиксен приход, кои ги поттикнаа приходите на обврзниците до ниво што не е забележано со месеци. Пазарите на акции низ светот, исто така, бележат пад.

Во деталната годишна анализа на една од најголемите светски банки се тврди дека сите услови на кои во претходните 35 години се заснова се поголемиот глобален раст и просперитет ќе исчезнат.

Сведоци сме на промена на светскиот поредок што ги диктира економијата, политиката, мерките и цените на имот од 1980 до денес, се наведува во студијата на „Дојче банк“.

- Бидејќи сегашниот циклус траеше 35 години, може да се очекува и следниот циклус да трае со децении. Проценките за последните 35 години би можеле да бидат најопасната грешка направена од инвеститорите, политичарите и централните банки, стои во студијата на германската банка.

Во извештајот на „Дојче банк“ се наведува дека каматата на американските десетгодишни обврзници, кои се сметаат за мерка за глобалната референтна каматна стапка, е зголемен на 1,67 проценти, што е највисоко ниво од британското гласање на 23 јуни за излез од Европската унија.

Германската камата на десетгодишните обврзници исто така е зголемена, кревајќи се над нула прв пат од гласањето за Брегзит. Берзата на Волстрит, исто така, падна за околу 1,0 проценти, што е исто така најголем пад од јуни.

Според извештајот на „Дојче банк“ вообичаени теми во следните 35 години ќе бидат нискиот реален раст, голема инфлација, намалена меѓународна трговија, голема контрола на миграции, мало учество на корпоративниот профит во бруто домашниот производ и негативно реално зголемување на обврзниците.