Македонија
5. April 2016 - 8:32

„Доилката“, нов роман на Лилјана Пандева

„Доилката“, новиот роман на македонската писателка Лилјана Пандева вечер ќе биде промовиран во спомен-собата на Миладиновци во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. 

За делото ќе зборуваат професорите Кристина Николовска и Ермис Лафазановски. 

Романот е во издание на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје.

- Во романот се раскажува една вонвременска љубовна приказна сместена во историски рамки, која ни открива непознати детали од македонската историја (40 денови од потрагата по кралот Пребонд). Тоа е возбудлива книга, полнокрвна, поетична, со прозрачни лирски пасажи, јазично слоевита и со нагласена драмска тензија, која длабоко нурнува во просторите на писателовата имагинација. Со романот „Доилката“, кој слободно може да се нарече химна на љубовта и страста, Пандева веќе е врвот на македонското раскажувачко мајсторство, велат од издавачката куќа.

Според Лафазановски, историските факти за последните денови од животот на Пребонд, кралот на средновековната држава Македонска Славинија и послужиле на Лилјана Пандева како подлога за градење една величествена љубовна приказна полна со напнати страсти, еротски набој и прекрасни наративни пејзажи. 

Кристина Николовска смета дека се работи за вонсериски роман, за морничава и нежна вонвременска приказна за љубовта.