Македонија
7. November 2017 - 16:05

Договорот за добрососедство испратен на ратификација во бугарското собрание

Бугарската влада го испрати на ратификација Договорот за добросоедство со Македонија во Народното собрание. Согласно член 85 од бугарскиот устав, меѓународни договори, како тој со Македонија мора да бидат ратификувани од собранието.
 
Претходно договорот беше доставен до сите министерства од владата на Премиерот Борисов.
Според министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, историскиот договор со Македонија, како што се нарекува во бугарските медиуми, се очекува да биде ратификуван до крајот на оваа недела, со оглед на тоа што ниту една парламентарна партија не се спротивстави на неговото потпишување.
Од македонското собрание, пак велат дека досега договорот не е доставен од владата за да биде ставен на усвојување на седница.
 
,,Од владата велат дека локалните избори се причината зошто договорот за добросоедство досега не е доставен на усвојување во Собранието. Владиниот портпарол за Сител потврди дека тоа ќе го сторат наскоро‘‘.
Инаку, договорот со Бугарија беше потпишан на 1-ви август во Скопје од страна на Премиерите Заев и Борисов.
 
Со него двете страни се обврзаа да градат добрососедски односи врз база на европските вредности, да постигнат конкретни резултати во транспортното поврзување и комуникациите меѓу двете земји, учество и апсорпција на средствата во рамките на регионалната инфраструктура и прекуграничните проекти и формирање комисии кои објективно ќе ги разгледаат историските прашања, како и заедничко одбележување на личности и настани од заедничката историја.