Македонија
17. јуни 2018 - 10:53

Договорот потпишан, Македонија и Грција ставија крај на 27-годишниот спор

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, јави известувачот на МИА.

Со договорот е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.

На свечената церемонија присуствуваат и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на ОН во решавање на спорот, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Во македонската делегација освен премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, беа и вицепремиерите - министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек. 

Македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето денеска по потпишувањето на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, дека државата е горда што одбрала решение што обединува. 

- Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто не делеше, и избравме решение што не обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји - поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно! Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, нагласи премиерот Заев. 

Тој додаде дека ова е свечен чин и израз на посветеноста да се најде решение што е во интерес на иднината и на граѓаните на двете држави.

- Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото – градиме иднина....Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји.

Со Договорот што е потпишан денеска се создава шанса  и тоа е историска можност за засилена соработка, посилни економски врски и повисок раст и развој.

- Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината, рече премиерот Заев. 

Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави. 

- Да се има став е Европски манир. Исто како што е eвропски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување.... Нашите држави имаат обврска да застанат позади еднаквоста меѓу нациите, човечкото достоинство и солидарноста. Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се, и никогаш не смее да бидат опции за Европа, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Премиерот им се заблагодари на амбасадорот Метју Нимиц, кому денеска му е роденден, кој посвети речиси три децении од својот живот во медијацијата на ова прашање. 

Тој им заблагодари и на ЕУ, САД и сојузниците од НАТО.

- Сакам посебно да им се заблагодарам и на шефовите на државите и на владите на нашите соседни земји. Нивното охрабрување и помош беа од пресудно значење во одредени моменти, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.