Македонија
12. April 2019 - 19:23

Договорите за добрососедство адут за старт на преговорите

Договорите со Бугарија и со Грција претставуваат историска пресвртница во билатералните односи на Балканот.  Со нив се отвора можноста за развој на искрено партнерство, од кое главен бенефит ќе имаат сите граѓани, истакна министерот Димитров, на состанокот со неговите колеги од земјите членки на Берлинскиот процес, посветен на проширувањето на ЕУ. 

На средбата со германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас, Димитров потенцирал дека Северна Македонија недвосмислено заслужи одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

МНР на Германија пак при своето обраќање пред шефовите на дипломатиите од шесте земји - аспиранти, го укажал примерот на Преспанскиот договор, како начин на кој мора да се решаваат внатрешните конфликти на Балканот.

Поддршка за евроатлантските интеграции на земјава за почнување на преговорите со ЕУ, како и за целосно заокружување на процесот за полноправно членство во НАТО, изразиле премиерите на Хрватска и Грција, Андреј Пленковиќ и Алексис Ципрас на средбата со премиерот Зоран Заев во рамки на Самитот на шефови на влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина од процесот 16+1 во Дубровник. На средбата била потенцирана заложбата од страна на премиeрите дека во иднина ќе се работи интензивно на зацврстување на економските релации и врски меѓу трите земји.