Бизнис
25. October 2018 - 16:20

Договорени конкретни насоки за идната меѓусебна соработка меѓу Македонија и Словачка

Заменик-министерот за економија Кире Наумов, како копретседател на Мешовитата комисија од македонска страна и неговиот словачки колега Растислав Чованец,  денеска во Братислава го потпишаа Протоколот од Втората седница кој ги содржи резултатите од плодните и конструктивни дводневни разговори на членовите на Комисијата, со цел зајакнување на економската соработка во повеќе области меѓу двете земји.

-Вашето искуство во реално остварени проекти на европско ниво ја наметна потребата да иницираме склучување на билатерален Меморандум за соработка во областа на туризмот, со цел да придонесеме зголемување на туристичката размена, привлекување на словачки инвестиции во туризмот, дефинирање на заеднички проекти и интензивирање на соработката помеѓу сите чинители во областа на туризмот. Нашата заложба како копретседатели на Комисијата е да ги поддржиме предлозите на експертите и заедно да работиме на нивно остварување до следната, трета седница, истакна Наумов по потпишувањето на протоколот.

Тој упати покана до неговиот словачки колега, Третата седница на Мешовитата комисија да се одржи идната година во Скопје и на неа да биде потпишан Меморандумот за соработка во туризмот.

Чованец, изрази уверување дека и покрај брзите промени и новите предизвици поставени од страна на четвртата индустриската револуција, Словачка и Македонија имаат голем потенцијал за подобрување на меѓусебната соработка и многу можности во традиционалните сектори кои можат да се искористат, како што се енергијата, заштитата на животната средина, управувањето со отпад, изградбата на инфраструктура.

-Покрај овие традиционални сектори на соработка, словачката страна сака да ѝ понуди на Македонија трансфер на искуства во иновации, решенија за информатичко општество и е-влада, како и нашето искуство во управувањето со јавните финансии, рече Чованец.

Вчера и денеска во Братислава се одржа Втората седница на Мешовитата комисија на која, како што информираат од Министерството за економија, се дискутираа можностите за зајакнување на економската соработка во повеќе области, и тоа: трговија и индустрија, инвестиции, земјоделство и шумарство, енергетика, градежништво, телекомуникации, туризам и друго, врз основа на насоките кои беа договорени во дводневната работна сесија на петте работни групи од двете страни, и тоа: енергетика и транспорт; инвестиции, индустрија и трговија; земјоделство; екологија; туризам и финансии.

Во делот на енергетиката, од страна на АД ЕЛЕМ беа презентирани тековните и планираните проекти согласно Инвестициската програма 2018-2022. Покрај тоа, беше дискутирано и за имплементација на ефективни финансиски механизми за поддршка на проекти во обновливи извори на енергија и трансфер на искуства, поддршка за основање на Фонд за енергетска ефиксаност, можна соработка меѓу македонски и словачки компании во делот на инвестиции во нови енергетски капацитети. Во делот на транспортот, беше пренесено словачкото искуство при имплементацијата на европското законодавство за интелигентни транспортни системи, како и во делот на одржувањето на патиштата.

Македонската страна ги презентираше условите за инвестирање во Македонија, поволностите во технолошко – инустриските развојни зони, како и Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Беа разгледани можностите за соработка на бизнис асоцијации и фирми од автомобилската индустрија, преработувачка индустрија, поттикнување на соработката во делот на иновации, наука и технологии. Во однос на земјоделскиот сектор, македонската страна изрази интерес за учество на словачкиот пазар со посилна промоција на виното, свежото и обработено овошје и зеленчук. Со цел интензивирање на соработката во туристичкиот сектор беше предложено потпишување на Меморандум за соработка во туризмот, како и формирање на две работни групи, по една за секоја држава, кои ќе работат на подготовка на Акциски план со цел материјализирање на точките од Меморандумот за соработка. Во областа на животната средина, интересот беше фокусиран на прашањата во врска со управување со отпадните води и рециклирање на отпадот.

Словачка се наоѓа на 17-то место во рамки на трговијата на Република Македонија со земјите на ЕУ. Трговската рамена во 2017 година изнесува 65,3 милиони евра, а во седумте месеци од оваа година 56,8 милиони евра, што претставува раст од 58% во однос на истиот период лани.