Македонија
18. July 2018 - 13:08

Договорени активности за уредување на коритото на Сува река

Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков и  градоначалниците на грчките општини Пеонија и Халкидона, Христос Гунденудис и Јанис Цукнидас на денешната средба во Гевгелија се согласија да почне реализацијата на проектот за уредување на коритото на Сува река во рамки на програмата за одржливо управување со водните ресурси во прекуграничниот регион, финансирана преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција.

Тие се договорија наесен да почне регулацијата на најкритичниот дел од коритото на Сува река во урбанизираниот дел на Гевгелија, во должина од 600 метри, да се формира минор коритото за регулација со седум каскадни прагови и да се изведат заштитни насипи од излевање кои ќе овозможат дното и бреговите од коритото да бидат соодветно обликувани.

По средбата, градоначалникот Поцков изрази задоволство што почнува уште еден многу значаен проект за општина Гевгелија.

- Градежните активности ќе стартуваат наесен, а бенефитот од нив ќе биде заштитата на природните водни ресури и регулирање на коритото на Сува река која се влева во Вардар. Реката Вардар тече низ нашите две држави и ние како општина Гевгелија одговорни сме за заштитата на животната средина пред се од нашата, а со тоа и од другата страна на границата, изјави Поцков.

Гунденудис и Цукнидас изразија надеж дека трите општини заедно ќе успеат во својата намера за создавање чиста животна средина и чисти водни ресурси за доброто на граѓаните кои живеат на овие простори, како и увереност дека со овој проект кога ќе биде завршен бенефит ќе имаат сите три општини.

Вкупниот буџет на проектот изнесува околу 1,5 милиони евра од кои на општина Гевгелија и се доделени 516.000 евра.