Македонија
18. August 2020 - 10:30

Договорена новата Влада - средба Заев - Ахмети во 14 часот

Заев и Ахмети се на чекор до финален договор кој ќе треба да обезбеди 61 пратеничко столче во Собранието за формирање на новата Влада. Нивната средба е закажана за денеска во 14 часот во клубот на пратеници по што се очекуваат изјави за медиумите.

Дека преговорите се практично финализирани покажува и фактот што СДСМ за утре веќе има закажано седници на двете највисоки партиски тела, централниот и извршниот одбор на партијата кои треба и формално да дадат зелено светло за договорот кој Заев ќе го потпише со Ахмети. 

Од СДСМ вчера во писмено соопштение до медиумите ја потврдија средбата Заев – Ахмети потенцирајќи дека за време на викендот преговарачките тимови на двете страни постигнале значителен напредок. 

Во отсуство на официјални информации, очекувано медиумите шпекулираат со имињата и распоредот во новиот владин состав.

Па така дел во текот на вчерашниот ден во медиумите можеше да се прочита дека ДУИ го повлекле својот услов за премиерското место во замена за што се договориле во следниот мандат да го водат Министерството за внатрешни работи, а од министерствата со голем буџет би го задржале и одбрана заедно со едно вицепремиерско место и позицијата генерален секретар на Владата. Сепак, овие информации се уште немаат потврда ниту од СДСМ ниту од ДУИ.

И СДСМ вчера најави а и Џафери во вчерашното интервју за Сител потврди дека е подготвен до крајот на неделата да го свика продолжението на конститутивната седница. Токму името на Џафери е она кое се смета за најсериозен кандидат за претседателската позиција во Собранието. 

ДУИ утрово преку писмено соопштение ја обвини албанската опозиција дека им ги руши преговарачките позиции.

„Недостоинствената, подмолна и деструктивна опозиција, која секој ден ги менува своите ставови и поставува услови само за Албанците, продолжува да стои на приемните шалтери на ходниците на СДСМ и на ВМРО со единствена цел да ги поткопа националните интереси и да ја избегне.

одговорноста за нивниот длабок пораз.“ – стои во писменото соопштение на ДУИ во кое се бара оставка од раководствата на Алијансата и Алтернатива.

Тие пак вчера ваквиот став на Ахмети го коментираа како алиби за фактот дека ДУИ не успеа да го реализира клучното ветување за премиер Албанец. Од Алијансата сметаат дека на овој начин ДУИ сака за својот неуспех да го обвини Села, иако како што велат од партијата тие се подготвени да дадат поддршка за премиер Албанец но само ако тој има 4 годишен мандат.

Во ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена воопшто не коментираат на оваа тема. Единствено што може да се добие како став од партијата е дека се готви инцијатива пред Уставен суд за процедурата во која претседателот Пендаровски му го додели мандатот на Заев за формирање на новата влада.

Според најавите, седницата за избор на Претседател на Собранието и собраниските тела треба да се одржи утре, а предлогот за нов Владин состав да стигне во Собранието до крајот на неделата. 

Иако Собранието има рок од 15 дена да закаже седница, сепак се очекува новата Влада да биде избрана до крајот на идната недела.

 

 

Александар Спасовски