Бизнис
18. September 2017 - 13:13

Договор за соработка меѓу македонската и бугарската Регулаторна комисија за енергетика

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (РКЕ) и Регулаторната комисија за енергетика и води на Република Бугарија (РКЕВ) денеска во Скопје потпишаа договор за соработка со кој надградува досегашната соработка на комисиите.

Со договорот, што го потпишаа претседателот на РКЕ Димитар Петров и членот и шеф на делегацијата на РКЕВ Александар Јорданов, се воспоставува институционална рамка за продлабочување на соработката на билатерално и мултилатерално ниво, размена на искуства и информации од взаемен интерес, взаемна поддршка во градењето капацитети, соработка во имплементацијата на европските директиви и регулативи од областа на енергетиката, како и трансфер на знаења во доменот на регулирањето на водните услуги.

Со договорот, како што соопштуваат од РКЕ, се очекува и зајакнување на активностите од регулаторен аспект во очекуваните идни процеси за изградба на нови интерконективни поврзувања, особено во доменот на природниот гас, како и генерално зајакната интеграција на пазарите на природен гас и електрична енергија, во контекст на креирањето единствен европски пазар на енергија.