Бизнис
28. November 2017 - 8:22

Догодина 400 милиони евра во буџетот за капитални инвестиции

Догодина според Предлог-буџетот, за кој почна расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет,  планирани се 24,6 милијарди денари или 400 милиони евра за капитални инвестиции или за 5,3 отсто повеќе во однос на 2017 година.

- Во 2018 година планирано е инвестирање во повеќе области и тоа за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор 10 и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравството, образовнието и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на Комисијата за финансирање и буџет по  Предлог-буџетот за 2018.

За капитални инвестиции од патната и железничка инфраструктура планирани се средства во износ од 3,5 милијарди денари. Во овие рамки во 2018 година предвидено е да се заврши изградбата на нова модерна автопатска делница Демир Капија–Смоквица, со што ќе се комплетира главната делница на Коридор X. Проектот се финансира од сопствени средства и со средства од ЕБОР, ЕИБ и ИПА фондовите. Со цел модернизирање на постојната железничката инфраструктура ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X, финансирана со средства од ЕБОР. Со овие активности, како што се наведува, ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување на железничката пруга и ќе се обезбеди посигурен и поефикасен сообраќај.

Во текот на 2018 година предвидени се средства и за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга Коридор VIII - делница Куманово- Бељаковце-Крива Паланка, финансирана од ЕБОР. Во текот на 2018 година ќе се интензивира рехабилитацијата и доизградба на железничката пруга „Битола – Кременица“, со што ќе се обезбеди алтернативен начин за поврзување со Република Грција.

За инвестиции во енергетската и комунална инфраструктура планирани се капитални инвестиции во износ од 5,8 милијарди денари. Како што се наведува во експозето на Предлог-буџетот, во текот на 2018 особено внимание ќе се посвети на забрзување на процесот на гасификација на земјата, со цел постепено поголемо користење на извор на енергија кој е поевтин и помалку штетен за животната средина. Предвидено е продолжување на активностите околу изградбата на првата фаза од Националниот гасоводен систем, делница Штип – Неготино - Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар.

Според Предлог-буџетот за 2018 изградбата на водоводните и канализациските системи во општините ќе продолжи со интензивирана динамика, финансирано од средства на општините и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката. Истовремено, преку Проектот за подобрување на општински услуги финансиран од Светска банка ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициони зафати во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги. Преку ИПА средства ќе се поддржи изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп, Радовиш, Струмица и Кичево, како и рехабилитација на канализациската мрежа во општините Куманово, Берово и Прилеп.

За уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи во Предлог-буџетот за 2018 планирани се 431 милиони денари.

За капитални инвестиции во здравството во Предлог-буџетот за 2018 планирани се инвестиции во износ од 1,9 милијарди денари, наменети за проектот за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, за набавка на медицинска опрема, реконструкција на Општата болница во Кичево - Фаза 1 и отпочнување со имплементација на фаза 2.

Во Предлог-буџетот за 2018 предвидени се 2,4 милијарди денари за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.

Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,6 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства. Во овие рамки, со поддршка од ЕИБ планирано е во 2018 година да започне реализацијата на втората и третата фаза од проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица“, со што ќе се обезбеди наводнување на 4.570 хектари нето површина која се наоѓа во општините Пробиштип и Кратово и изградба на мали хидроцентрали по течението на реката Злетовица. Исто така, ќе започне и изградбата на системите за наводнување во валандовскиот регион, кои се финансираат со заем од КфВ преку втората фаза на Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар.

Во областа на правосудството планирани се средства во износ од 544 милиони денари, а во 2018 година ќе продолжи со имплементација Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа.

Во насока на подобрување на условите за социјално ранливите групи, во наредниот период ќе продолжи имплементацијата на Проектот за домување на социјално ранливи групи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа во износ од 330 милиони денари.