Бизнис
15. September 2015 - 10:30

Доделување сертификати за обука за напредни ИКТ вештини

Проектот на УСАИД Младинска Мрежа за подобрување на вештините за вработување, Мрежа ЈЕС во соработка со Градот Скопје денеска организира свечено доделување на сертификати на 15 кандидати кои ја поминаа обуката за напредни информациско-комуникациски вештини.

Директорот на  Mисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стaјн и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ќе имаат свое обраќање на панелот што ќе следи во врска со обезбедувањето на квалификуван кадар за потребите на ИКТ индустријата.

Обуката е дизајнирана во партнерство со Локалниот-економско социјален совет на Град Скопје за да им помогне на младите невработени лица да стекнат напредно знаење и вештини во следните ИКТ области: развој на веб апликации, моделирање и 3Д анимација и графички и веб дизајн. За време на праксата во селектирани компании сите учесници на обуката се стекнаа со искуство работејќи на реално работно место, а 14 од нив веќе обезбедија вработување благодарение на новите вештини добиени од обуката.

Проектот на УСАИД Мрежа ЈЕС е петгодишен проект, што го спроведува Центарот за развој на образованието, американска непрофитна организација посветена на подобрување на учењето, работа со млади и унапредување на здравјето. Целта е да им помогне на младите луѓе да се стекнат со потребните вештини за да можат успешно да ги идентификуваат можностите за вработување и да најдат работа. Проектот е насочен кон учениците од средните училишта во Македонија, младите невработени кои се регистрирани во АВРМ и невработените млади кои не се регистрирани, а се надвор од образовниот процес, на возраст од 16-27 години.  Проектот на УСАИД Мрежа ЈЕС работи со партнер општините Тетово, Битола, Струмица, Штип, Прилеп, Гостивар и Скопје.