Македонија
3. December 2017 - 9:09

Доделување на книжевната награда Балканика

Скопје денеска е домаќин на еден од најзначајните книжевни настани во регионот - жирирање и свечено доделување на меѓународната книжевна награда Балканика за најдобра книга за 2015 и 2016 година.
 
Како што соопшти издавачката куќа „Магор“, изборот ќе го направи меѓународното жири составено од седум реномирани книжевни критичари од секоја држава, со кое претседава професорот Ендрју Вахтел од САД. Жири комисијата, треба да одбере по една најдобра книга за 2015 и 2016 година, од исклучително квалитетните номинирани книги годинава.
 
На свеченоста се очекува да присуствуваат номинираните автори, книжевни критичари и издавачи од сите седум земји-членки на Фондацијата Балканика.
 
Фондацијата Балканика е основана 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Република Бугарија, а претседател е  Николај Стојанов.
 
Во Балканика членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на Фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки.
 
Наградата Балканика на добитникот му носи голем публицитет и вон балканските држави. Неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа.
 
Свеченото доделување на наградите ќе се одржи во кино Фросина, МКЦ, со почеток од 18 часот.