Македонија
20. July 2016 - 8:35

Доделување медали и признание на припадници и на организација од македонската дијаспора

Претседателот Ѓорге Иванов денеска со „Медал за заслуги за Македонија“ ќе одликува четворица поединци - припадници на македонската дијаспора и ќе го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на „Македонскиот сојуз во Кралството Шведска“.

Со „Медал за заслуги за Македонија“, како што информираат од Кабинетот на Иванов, ќе бидат одликувани Иван Трпоски од Австралија, Кирил Христовски од Соединетите Американски Држави, Лилјана Стоилковска – Андоновска од Кралството Шведска и Борче Величковски од Република Србија.

Медалите се доделуваат за нивна исклучителна посветеност и ангажираност во своето работење во нивните земји, со што дале значаен придонес за афирмација на Република Македонија во светот и за унапредување на пријателските односи и соработката со државите во кои живеат.

Признанието „Повелба на Република Македонија“ се доделува на „Македонскиот сојуз во Кралството Шведска“ за особени заслуги и достигнувања во својата дејност како асоцијација за зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности во светот, како и за придонесот за унапредување на пријателските односи и соработката на Република Македонија со Кралството Шведска.