Бизнис
14. December 2015 - 23:11

Доделени признанијата „Македонски квалитет 2015“

Сојузот на стопански комори (ССК) вечерва во Музејот на македонска борба ги додели признанијата „Македонски квалитет 2015“.

На доделувањето, како што рече претседателката на Сојузот Данела Арсовска, кое е со тенденција да прерасне во традиција, присуствуваа претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, вицепремиерот за  економски прашања Владимир Пешевски, претставници на дипломатскиот кор, бизнисмени,...

„Македонски квалитет 2015“ добија десет компании членки на ССК:„Голден Арт“, „Еуген“, „Зегин“, „Ариљеметал“, „Евросимовски консалтинг“, „Институт Југ“, Винарија „Камник“, „Компјунет инженеринг“, „Македонија експорт“ и „Тинекс“.

- Сојузот на стопански комори е современа, иновативна, динамична и најбро растечка деловна мрежа која ги следи модерните достигнувања во бизнис светот. Затоа, најголем дел од компаниите не препознаа како партнер кој го поддржува нивниот прв развој и нивниот претприемачки дух. Изминатите две години, ССК прерасна во деловна мрежа која обединува вкупно 24 стопански комори од кои две билатерални, осум регионални и 14 општи и секториски, со над 30 групации, здруженија и асоцијации. Со својата организација и 20 илјади членови е најголемата македонска деловна мрежа, нагласи Арсовска пред доделувањето на признанијата.

Пред присутните се обрати и претседателот Иванов, кој, откако ги поздрави добитниците на наградите,рече дека за развој на македонската економија од исклучително значење е поединечниот развој на секоја домашна компанија.

- Без постојан раст и  развој на домашните компании, не можеме да очекуваме економски напредок на Република Македонија, подвлече Иванов, додавајќи дека е особено горд што меѓу наградените има и бизниси кои се општествено одговорни и кои дел од својот профит го вложуваат за потребите на заедницата. 

Иванов нагласи дека при секое свое патување надвор, придружуван од високи владини претставници, создава нови партнерства за македонските компании и отвора нови пазари за домашните производи. Но, успехот за овој заедничи потфат, како што потенцира, секогаш зависи од квалитетот на производот или услугата.

- Економијата е најважниот двигател на развитокот на македонското општество и токму вие, најуспешните македонски компании, сте најдоброто од Македонија.Низ годините успеавте да изградите брендови со кои сите ние се гордееме. Производи по кои Македонија стана препознатлива и на поширокиот пазар, рече претседателот Иванов.

Тој истакна дека ова признание има за цел да придонесе за развој на производството во Република Македонија и за подобрување на квалитетот на македонските производи.

- Има за цел унапредување на технологиите и услугите. Поттикнување на креативноста, истражувањето и иновациите, посочи претседателот Иванов.

За тоа кој ќе ги добие признанијата „Македонски квалитет 2015“ одлучуваше комисија составена од членови на кабинетот на претседателот на Република Македонија согласно прецизно утврдени критериуми. Внимателно беа селектирани македонските инвеститори  кои имаат традиција во создавање македонски бизнис идентитет и се амбасадори на македонскиот квалитет на национално и глобално ниво.