Македонија
20. November 2015 - 14:17

Доделени наградите за најдобри текстови и фотографии за климатските промени

Министерството за животна средина и просторно планирање во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Француската Амбасада во Скопје денеска ги додели наградите за најдобри фотографии и новинарски стории на тема „климатските промени“, под мотото „Делувај сега“ односно „Борба против климатските промени“.

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, на доделувањето на 20-те наградени фотографии и две за новинарски текстови, порача дека јавноста ги препознава проблемите со климатските промени.

- Поддршката од јавноста и развиената свест дека само со заеднички делувања може да се постигнат резултати посебно во областа како што е заштитата на животната средина и борбата против негативните проблеми од климатските промени е многу важен момент за министерството, истакна Изаири.

Според него, заедничкото делување на институциите во соработка со граѓаните е вистинската формула за постигнување на главната цел за здрава животна средина. Порача дека за успешна фотографија не е потребен само добар фотоапарат туку и дека потребно е да се има и чиста животна средина.

Амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер ги прогласи добитниците за најдобри новинарски текстови во пишаните и аудио визуелни медиуми Слаѓана Стојкова од МИА и Сузана Трајковска од МТВ.

Постојаниот координатор на ОН во Македонија Луиза Винтон порача, фотографите и новинарите да го зголемат притисокот кон јавноста преку текстови и фотографии, за како што рече, да се зголеми свеста на граѓаните за последиците од климатските промени.

На првиот фото конкурс за климатските промени најдобрите фотографии за прво и второ место во повеќе категории добија награда фото-камери, како и велосипед за прво наградените. Победниците беа селектирани врз база на лајкови на Фејсбук (50 проценти) и врз база на гласови на интернационално жири (50 отсто).

Фото-конкурсот беше повик до сите граѓани, активисти, вљубеници во природата и подржувачи на борбата за чиста животна средина, да ги искористат своите фотографски вештини за да ги фотографираат ефектите на климатските промени во било која од понудените десет категории: Климатските промени и водата, Климатските промени и здравството, Климатските промени и туризмот, Климатските промени и транспортот, Климатските промени и културното наследство, Климатските промени и шумите, Климатските промени и земјоделството, Климатските промени и природните катастрофи, Климатските промени и биодиверзитетот и Климатските промени и обновливите извори на енергија.