Македонија
14. јуни 2017 - 18:19

Доделени наградите на најдобрите матуранти од средните скопски училишта

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски  денеска во рамките на манифестацијата „Средба меѓу првиот и најдобрите“, на најдобрите 25 матуранти - првенци на генерација 2013/2017 година од 21 средно училиште, им додели признанија и парични награди.

- Ценети првенци, вие со своите успеси и постигнувања се афирмиравте себеси, вашите училишта, но и нас граѓаните на градот Скопје. Праксата покажува дека секој млад човек, кој бил првенец на својата генерација гради успешна иднина и достигнува врвни резултати на патот на својот професионален развој. Ценам дека најважната задача на секоја образовна институција е кај вас учениците да ги развива и јакне благородните творечки и креативни сили. Тоа е патот до најголемиот дар и признание што човек може да го поседува, а тоа е, знаењето, рече Трајановски на доделувањето.

Додаде дека целта на манифестацијата, која традиционално, веќе десетта година, ја организира Градот Скопје, е да го афирмира училишниот успех на првенците на генерација во средните училишта на Градот Скопје и да им оддаде јавно признание за постигнатите резултати.

Од пред неколку години манифестацијата е збогатена на тој начин што со неа се опфатени и ученици од тригодишното образование, па затоа денеска беа наградени 25 првенци од 21 средно училиште на Градот Скопје.

Добитници на наградите и признанијaта се од СУГС„Лазар Танев“ Софија Керазоска и Јован Карапеев од СУГС „Јосип Броз Тито“ Марко Стојковски, од СУГС „Кочо Рацин“ Мура Коца, од СУГС „Георги Димитров“ Александар Додевски, од СУГС „Арсени Јовков“ Бојан Китановиќ, од СУГС „Здравко Цветковски“ Сара јовановска, од СУГС „Браќа Миладиновци“ Наташа Арсова, од СУГС „Владо Тасевски“ Ана Јакимовска, од СУГС „Димитар Влахов“ Антонина Цековска, од СУГС „Цветан Димов“ Амира Одат, од СУГС „Михајло Пупин“ Дамјан Хаџибанов, и Бобан Митровски,   од СУГС „8 Септември“ Егзон Исени и Марко Митрески, од СУГС„Д-р. Панче Караѓозов“ Марко Наумовски од СУГС „Зеф Љуш Марку“ Адриан Азизи, од СУГС „Боро Петрушевски“ Никола Симеоновски, од СУГС „Панче Арсовски“ Никола Велковски, од СУГС „Васил Антевски Дрен“ Филип Поповски, од СУГС „Орце Николов“ Марко Камиловски, од СУГС „Никола Карев“ Марија Тодосова, од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ Филип Трајковски и од СУГС „Марија Склодовска-Кири“ Мила Богатинова и Џејлан Муртезани.

И годинава во организација на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, за првенците на генерација но, и за уште неколку најуспешни ученици од секое училиште, како награда на најдобрите средношколци-првенци во генерацијата и сите оние што на некој начин придонеле за афирмација на нивното училиште се организираше екскурзија „По стапките на творците на градот“.

Целта на овој проект е запознавање на младите генерации со знаменитостите, убавините и богатата историја, традиција, мултиетничкиот начин на живеење во Скопје низ вековите до денес. Исто така, со неа  сакаме да им дадеме стимул на младите успешни луѓе во  нивните понатамошни определби, преку еден начин на заедничко дружење и поттикнување на навиките кон негување на културата и  богатството на нашиот град, а воедно пофалба и давање на признание со кое се одвојуваат од останатите врсници за нивниот труд и залагањето за време на средношколското образование.