Македонија
14. November 2018 - 10:39

Доделени наградите „13 Ноември“ за Денот на ослободувањето на Скопје

На свеченост во Македонската филхармонија по повод 74 години од ослободувањето на главниот град, вчеравечер беа доделени наградите „13 Ноември“ на Град Скопје, а на годинашните добитници им ги врачи градоначалникот Петре Шилегов.

Од областа на науката наградена е судијката Маргарита Цаца Николовска – за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото. Од областа на образованието и воспитанието наградата за 2018 ја прими професорот во пензија Аџи Фида – за долгогодишна успешна дејност во областа на образованието и воспитанието. Од областа на спортот награден е пливачот Андреј Стојановски – за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби.

За култура – музикологот Марко Коловски –  за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво, и писателот и книжевен преведувач Ресул Шабани –  за превод на антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“. Од областа на уметноста – академскиот музичар Рамадан Шукри – за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието.

Новинарот Сефер Тахири ја доби наградата во областа на публицистиката, за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката. Архитектката Даница Павловска-Циги  е наградена во областа на архитектурата, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.

Во категоријата правни лица, оваа година наградата „13 Ноември“ им е доделена на ЈЗУ Геронтолошкиот завод „13 Ноември“-Скопје за долгогодишна успешна работа, и Противпожарната бригада на Град Скопје – за успешна работа и голем придонес во заштитата и спасувањето на граѓаните од пожари, природни непогоди и други несреќи.

Во категоријата  ученици и студенти, награден е пијанистот Арда Мустафаоглу,  ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.

Шест ученици од ООУ „Кочо Рацин“- Скопје: Мила Коцевска, Софија Стојменова, Нена Гиевска, Марија Гавриловиќ, Петар Тодоровски и Ведран Лауренчиќ, се наградени за  хуманост – укажување прва помош на лице во градски автобус.

Градоначалникот Петре Шилегов во обраќањето се осврна на активностите во изминатата година од неговиот градоначалнички мандат и нагласи оти е убеден дека со она што успеале да го реализираат исполниле, како што рече, барем дел од нашиот долг кон ослободителите.

– Сетете се, драги сограѓани, каде бевме на тој план само пред две години. Историчарите ги правдаа шовинистите и неславните страници на нашата историја, измислуваа нови епохи, креваа споменици на оние кои биле познати по суровоста и свирепоста. Систематски го уништуваа наследството од Народноослободителната војна. Трагите во просторот, бистите, спомениците и спомен-плочите, беа засенети од лажниот сјај на новата историја претставена со проектот „Скопје 2014“, истакна Шилегов.

Додаде  дека Скопје е град кој поминал низ сѐ и сешто, но дека полека се враќа на вистинскиот пат на космополитизмот, солидарноста, прогресот. – Зад себе тој има децении на страдање, но и децении на творење, децении на паѓање, но и децении на растење. Скопје – градот феникс, кој повторно и повторно се раѓа и повторно и повторно се ослободува. Скопје секогаш успева да ги надмине сите премрежија и повторно да биде градот убав, рече Шилегов на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, на која меѓу гостите беа и  градоначалниците на Подгорица и Пловдив со кои Скопје е збратимен град.

Во рамки на свеченоста во фоајето на Филхармонијата беше отворена изложба на ликовни дела од 14. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2018“ и беше изведен перформансот „Ослободување на Скопје во 7 поглавја“.