Македонија
29. March 2019 - 10:03

Доделени дипломите за првите пица-мајстори кои посетуваа обука во Македонска Каменица

Академијата за пица-мајстори, која од неодамна почна да функционира во Македонска Каменица, ги додели првите дипломи на кандидатите кои во изминатиот период ги учеа тајните на подготвувањето пици.
 
Повратникот Зоран Јовановски, кој го отвори првото училиште за пица-мајстори во родниот град, е задоволен од заинтересираноста за посета на академијата која на кандидати им нуди единствена можност да го научат занаетот на подготвување пици.
 
– Јас сум многу изненаден и многу задоволен од моите први двајца кандидати. Тоа се Горан Петковски од Битола кој веќе една недела престојува во Македонска Каменица и го изучува овој занает и Андреј Лазаревски од Македонска Каменица, едно многу фино и културно дете кое ме запрепасти со својот интерес и се надевам дека ќе ги поттикне и останатите млади од кај нас да се пријават и да ги научат вешините на подговтување вкусни пици. Како застапници за италијанската пица-академија, на овие двајца кандидати им доделивме интернационални признанија за дипломирани пица-мајстори. Со овие признанија тие ќе имаат можност за вработување било каде, бидејки тој сертификат е признаен секаде во светот, истакна Јовановски.
 
За кандидатот Горан Петковски од Битола, добиената диплома ќе значи усовршување на неговите аматерски вештини во подготвувањето пици.
 
-Јас доаѓам од Битола и со отворањето на оваа академија ми се јави прилика да се унапредам во моето аматерско готвење и професионално стекнување со диплома. За време на обуките добив една наобразба од тоа кој тип на брашно се користи, од количини до состав и изработка во зависност од временски услови, од самата потреба на самата пицерија, па до изработка и созревање на тестото, правењето на самата пица и печењето. Значи комплетно една едукација, која за наша среќа, имаме можност од сега натаму да ја добиеме во Македонија, истакна Петковски.
 
Од неодамна Јовановски стана и член на Гастромак, една од најголемите кулинарски организации со кои официјално ќе ја претставува државата на голем број Меѓународни натпревари. Академијата за пица-мајстори, што е прва од ваков вид во државата, и понатаму продолжува со обуките кои ќе се спроведат со следната група кандидати кои ќе посетуваат настава во Македонска Каменица.