Македонија
22. January 2016 - 14:23

Доделени 69 решенија за неповратни средства од Фондот за вработување лица со посебни потреби

На 69 компании денеска им се доделени неповратни средства од Посебниот фонд за вработување на лица со посебни потреби со што се заокружува бројката од 165 решени барања поднесени во текот на минатата година.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски на денешното врачување на решенијата истакна дека останува да се решат уште 76 барања поднесени минатата година во вкупен износ од околу 40 милиони денари.

- Со тоа го затвораме поглавјето на доцнење во делот на Посебниот фонд бидејќи во 2010 година како директор презедов околу 450 барања кои беа нереализирани во вкупен износ од над 650 милиони денари, истакна Поповски.

Во иднина најави редовна и континуирана исплата на сите оние кои вработуваат инвалидни лица, но и оние кои се самовработуваат преку мерките што им се на располагање.

Поповски изрази надеж дека во следниот период ќе има многу повеќе барања и многу повеќе фирми кои ќе поднесуваат барања до Агенцијата согласно Законот за вработување на лица со посебни потреби.

Директорката на Центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска ги повика сите лица кои имаат одреден инвалидитет да го посетат Центарот за вработување бидејќи постојат многу можности за нивно вработување или самовработување. 

- Постои мерка за самовработување каде има посебни критериуми и исклучително дополнителна помош при давање на упатства како да се води бизнис, како и мерка субвенционирано вработување. Дополнително во сите останати мерки од Оперативниот план и сите активности кои ги спроведува Агенцијата за вработување е вклучена и оваа категорија лица, посочи Алексовска.

Лицата на кои денеска им беа врачени решенијата се задоволни од можностите за вработување што им се нудат.

- Голема помош се средствата што ни се доделуваат особено што е навистина тешко инвалидните лица да се најдат во средината, изјави Сашо Кондоски, кој како инвалид има основано фирма за изработка на икони. Во неа сега се вработени девет лица.