Додека болните чекаат терапија, политичките партии се препукуваат за Онкологија
Стравот и неизвесноста продолжува кај повеќе од 300 онколошки пациенти кои се оставени без биолошка терапија. По ветувањата на директорот на Фондот за здравствено осигурување, денеска и министерот Таравари уверува дека наредната недела ќе ги има лековите кои се дефицитарни. Дел ќе бидат донација а останатите ќе ги набави клиниката со анекси на псотоечките договори.
Но дали тоа ќе го реши проблемот или за месец – два повторно болните ќе се најдат во лоша ситуација? Од Онкологија уверуваат дека имаат увид за бројот на пациенти но поради постојаниот пораст не можат однапред да превидат колку количини се потребни.
- Додека нема скрининг програми кои се функционални во пракса, а не само на хартија, бројот на пациенти со напредната/ метастатска болест само ќе се зголемува, следната година се очекува поголем број на пациенти. Исто така, стручниот колегиум на УКРО е на мислење дека регистарот за рак ќе остане нефункционален додека не се обезбеди адекватен кадар (оддел) за континуирано ажурирање на податоците, со оглед на обемот на работа во овој сегмент и преоптовареност на постојниот персонал на Клиниката кој и покрај недостигот со кој се соочуваме, пружа натчовечки напори за третман и нега на нашите пациенти, велат од Онкологија.
И додека најтешко болните чекаат терапија, политичките партии се препукуваат кој што направил за Онкологија.
-Па ако цела 2024 година не се земале лекови на реверс што се чекало до сега? Зошто не се реагирало порано, зошто не се направил план за набавки, зошто се дозволи да се доведе во прашање животот на онколошките пациенти?
Овие изговори се недозволиви во услови кога е во прашање човечки живот. Дали власта знае дека животот на пациентите со метастатски канцер е загрозен и зависи токму од оваа терапија?
Одговорноста за голготата низ која поминуваат онколошките пациенти е целосно кај власта поради неодговорното и ненавремено планирање и финансирање на јавните набавки за овие лекови, вели Белкиса Зеќири, СДСМ.
- Секоја година, првите два до три месеци од годината има недостаток на онколошка терапија и секоја година една иста веледрогерија набавува лекови по енормно високи цени на лекови, злоупотребувајќи ја болеста на луѓето и вештачки креирајќи криза со лекови. Таа иста мафија на смртта, иста веледрогерија, овие 30 години, поради свои бизнис политички интереси на својата нечиста совест, носи повеќе загубени животи од било која друга несреќа каде се загубиле животи во регионот.
ВМРО-ДПМНЕ бара мобилизација од институциите и расчистување на големите бизнис олигарси кои раководат со мафијата на смртта, која печали на болеста на луѓето, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Кризата со лекови настана минатата недела кога пациенти добиваа известувања дека ќе бидат повикани кога ќе стигне терапијата.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар