Балкан
15. November 2015 - 13:12

Доцниме светлосни години зад Европа

Ал Џезира Балкан - Сараево

Долгови и загуби, доцнења, запрен сообраќај, „шверцување‟, вербални и физички напади на возачите, расправии со контролорите, се само некои од клучните зборови во медиумските наслови за јавниот превоз во големите градови од регионот. 

Веќе и возењето на сараевските трамваи и тролејбуси многу нешта ќе каже за состојбата во јавниот превоз на главниот град на Босна и Херцеговина. Возилата се во тешка состојба во кои греењето често работи на лето наместо во зима, вратите не се затвараат најдобро, па е многу опасно да се биде во нивна близина. Седиштата добро е да се избегнуваат, а контролорите посебно. Впрочем, тие кога ќе влезат, патници во возилата главно и нема.

Ако се купуваат, картите најчесто се купуваат кај возачот, а електронската наплата се уште е далеку од реализацијата. Шлепањето на тролејбусите се вообичаена појава, како и застоите на трамваите поради исклучена струја или неодговорни возачи на автомобили, кои со четири запалени жмигавци паркираат на пруга бидејќи мора некаде да одат на две минути. Најсмешна е сликата од сараевските улици во која патниците буткаат минибус. Но, Сараевчаните и понатаму се возат во истите тие возила, одат на работа, факултет или таму каде што мораат и со завист гледаат во соседниот, помалку во белградскиот, а повеќе во загрепскиот двор.

Состојбата во Белград е се подобра

Состојбата во Белград од година во година се подобрува, воведена е електронска наплата, па не е необично да се види трамвај стар со децении како тешко вози по белградските пруги и во него има автомат за наплата.

„Кога ни ја вградија климата во јавниот превоз, направија грешка и ги оставија прозорите. И бидејќи немаат воздух, други ги затвораат бидејќи се плашат дека ќе ги убие провев. Климата не ни користи‟, се жали во телефонски разговор белграѓанинот Стефан, кој секојдневно користи јавен превоз на пат до работа.

Но, известувања на станиците, детална карта на мрежата на јавниот превоз и информациите кои можат да се добијат во самото возило на странец ќе му го олеснат снаоѓањето во градот со два милиона жители.

Ако не го познава доволно градот, патникот намерник останува да го прашува првиот до себе: „Се извинувам, а каде треба да се симнам...‟.

Состојбата на улиците во Загреб, кој е еден од 28 европски главни градови, дефинитивно е најдобра во регионот. Повеќето возила се во релативно добра состојба, климатизирани се, а и кога се работи за старите трамваи, се зборува дека на загрепските улици возат и некои од третата деценија од минатиот век, па не може многу да се критикуваат.

Новите трамваи се со низок патос, го олеснуваат пристапот на инвалидни лица во постари години, но проблеми настануваат кога ќе падне снег. Загрепчаните добро ќе ги запамтат сцените од пред неколку зими кога снег го потрупа Загреб. Новите трамваи останаа во гаражите, а на улиците кружеа преполни трамваси од старите генерации на кои ни снегот ни мразот не им попречија.

И да, сето тоа има своја цена. Сараевчаните поединечна карта ја плаќаат 82 евроценти (ако ја купат надвор од возилото), т.е. 92 евроценти (ако ја купат кај возачот), белграѓаните 1,25 евра (за прва зона), а загрепчаните 1,32 евра.

Една третина од возилата не се во функција

Изјавите на патниците се премногу, а целосно е јасно дека изјавите од страна на возачите се целосно поинакви. Се жалат на секојдневни вербални напади, пцовки, па и обиди за физичко насилство. Јасно им е и на нив дека само погледот на трамваите и тролејбусите на сараевските улици зборува многу за состојбата во јавното претпријатие ГРАС.

„Нашите тролејбуси се стари, трамваите исто така, а луѓето кои ги возат мора да имаат целосна одговорност, бидејќу возат возило во кое се наоѓаат 50 или 100 луѓе. Трамвајската пруга е во многу лоша состојба, улиците се во уште полоша и покрај сето тоа, многу луѓе не сакаат да плаќаат карти, бидејќи возилата доцнат. За сето тоа возачите не се виновни. Уште кога некој вербално или физички ќе ги нападне, а не поминува ден некој да не опцуе возач или недела а да не го удри, тогаш се е јасно‟, вели Аднан Химзанија, претседател на Синдикатот на работниците на комуналното стопанство во Кантон Сараево.

Трамваите на ГРАС се стари во просек 30 години, тролејбусите најмалку 25, автобусите 20 години, а минибусите 13 години. Но, од 60 трамваи во секојдневниот сообраќај, значи технички исправни, вкупно се 45, од 30 тролејбуси возат само пет од нив. Вкупно има 109 автобуси, но во возна состојба се само 60 од нив, додека од 42 минибуси на патниците им се на располагање само 25 возила, наведоа во тоа претпријатие. И ново возило што ќе се појави на улиците на Сараево, главно е од донации.

Како еден од клучните проблеми поради кои западнаа во тешка финансиска состојба во ГРАС ги наведуваат субвенциите за превоз на повластени категории на корисници. Како пример ја наведуваат цената на месечната карта за превоз на пензионери во сите зони, која изнесува 14 конвертибилни марки т.е. 3,6 евра, додека тоа без субвенции би изнесувало 115 марки т.е. 58,8 евра.

„Разликата во цената по еден корисник изнесува 101 марка и паѓа на товар на работењето на претпријатието ГРАС. Лесно беше тоа да се покрие кога Град Сараево имаше 50-60.000 продадени работнички купони. Сега кога се пет пати помалку, јасно е дека тоа води до загуба‟ - укажува Химзанија.

На возачите на ЗЕТ по 1.000 евра плата

Ако е во прашање староста на возилата и условите во кои се возат загрепчани, а во случајот на ЗЕТ се работи за трамваи и автобуси, тогаш Загреб навистина е далеку пред Сараево. Возниот персонал има многу причини за задоволство, почнувајќи од платата, која во просек е 1.000 евра, до работното време и сите права кои произлегуваат од колективниот договор.

„Во автобус се возат најмалку 40 до 50 луѓе, во трамвај двојно повеќе и возачите мора да бидат психофизички одморни, да не се под стрес и да не се случи нешто поради што би се каеле, а би било доцна. Грешка на возачот во јавниот превоз не е иста со грешката на другите луѓе, бидејќи неговата грешка води во затвор‟, предупредува Анто Јелиќ, претседател на Синдикатот на возачи и сообраќајни работници ЗЕТ.

Во обид да ги заштити своите колеги возачи, тој апелира на корисниците на јавниот превоз да „го почитуваат човекот кој управува со животите на патниците‟.

„Кога возачот е иритиран и изнервиран, може да направи проблем кој може да доведе до човечки жртви и за тоа не размислуваат тие кои вербално ги напаѓаат. Ако возачот не е сталожен, може да се случи трагедија. Безбеден си во јавниот превоз толку колку што е психофизички подготвен тој кој го вози тоа возило‟, заклучува Јелиќ.

Јавниот градски превоз во сите три големи градови длабоко загази во вториот век од постоењето и превезувањето на граѓаните, но јасно е на сите дека одамна мора да излезат од 20 век, да бидат во чекор со колегите од Европа и светот. Поради тоа потребно е рационалност во работата, осовременување на возниот парк и зголемен квалитет на услугите. Тогаш и незадоволството кај граѓаните ќе биде многу помало.