Македонија
7. July 2018 - 18:21

Доцни изградбата на регионална депонија во истокот

Поради зголемен обем на работа во министерството за финансии, се уште не се распишани тендерските постапки за набавка на камиони и контејнери, за пренос на отпад од општините од истокот и североистокот до светиниколското село Мечкуевци, каде до 2022 година треба се игради регионалната депонија. Постапката требаше да започне на почетокот од годината, но откако централната власт го презеде проектот за отворање на регионалните депонии, повторно ќе се бара согласност од локалните самоуправи.

- Одлуките за воспоставување на регионален систем треба да бидат донесени од страна на градоначалниците. Новата постава на градоначалници генерално добро го прифати проектот, меѓутоа имаме некои отворени прашања кои ги решаваме заедно со градоначалниците-изјави Ана Петровска, државен секретар цо министерството за животна средина. 

Општина Свети Николе бара камионите со смет да не минуваат низ градот, туку да се најде алтернативна рута. Ранковце, пак бара трансфер станицата да не биде во близина на населено место, кое според Петровска е неосновано.

- 500 метри воздушна линија се смета во европското право за доволно растојание дури до санитарна регионална депонија, а камоли до трансфер станица, каде влијанијата реално нема да бидат сериозни-додаде Петровска

Правилното управување со отпадот од една страна овозможува здрава и чиста животна средина, а од друга, позитивно влијае на локалните економии.

- Современиот третман на отпад спаѓа во зелената економија и овозможува отворање на огромен број нови „зелени работни места“, како што ги нарекуваме- изјави Лилјана Поповска, претседател на ДОМ.

Во министерството за животна средина се работи на повеќе проекти кои ќе се реализираат со грант средства од Унијата, но тие ќе бидат искористени, само доколку се изгради предвидената инфраструктура.