Македонија
10. August 2017 - 16:20

Доброволците го спасија манастирот Трескавец

Над 50 хектари борова и нискостеблеста шума уништи огнената стихија која се појави вчера околу 16 часот над селото Мажучиште и која се закануваше да го зафати и Манастирот “Трескавец”. Огромните пламени јазици под контрола беа ставени дури утринава и засега Манастирот не е во опасност, но, заради екстремно високите температури и ветрот, нови жаришта постојано се појавуваат, па екипи, составени од професионалци и доброволци нон-стоп се на теренот.
 
Денеска, освен овој, во прилепско активни се уште три други големи пожара, кои се на сосема различни локации, заради што се поголеми се и сомневањата дека пожарите се предизвикуваат намерно. Неофицијално дознаваме дека надлежните веќе имаат одредени индиции за настанувањето на некои од пожарите, заради што се преземаат и соодветните законски мерки за санкционирање.
 
Со оглед на се уште критичната состојба со пожарот во атарот на селото Никодин  над Плетвар, денеска, од страна на прилепската ТППЕ побарана беше помош и од ДЗС за да се интервенира со авиони и хелихоптери, додека пожарот во мариовско, каде исто така беше загрозен еден манастир, го контролираат екипи од пожарникари и доброволци. Во изминатово деноноќие, Општинскиот кризен штаб е во постојана координација, бидејќи состојбите со пожарите се менуваат од час во час.