Македонија
26. February 2016 - 10:15

Добрите македонско-холандски односи инспирација за охридскиот писател Мишо Јузмески

Книгата со наслов „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ е последното дело на охридскиот писател и публицист Мишо Јузмески, што деновиве беше објавено од страна на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.

Станува збор за своевидно продолжение на книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од 2012 година што беше објавена и на англиски и холандски јазик.

Во последното негово авторско дело Јузмески повторно се осврнува кон ликот и делото на холандскиот писател и новинар А. ден Долард, најголемиот промотор на Македонија во Холандија во подолг временски период, заслужен за веќе традиционалното холандско-македонско пријателство што најчесто се остварува преку холандските туристи кои ја посетуваат Македонија уште од средината на минатиот век.

Во поговорот кон книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“, Холанѓанецот Херард Пулвејк пишува дека писателот А. ден Долард своето срце му го имаше подарено на Балканот, пред сѐ на Македонија и особено на Охрид.

- Како скитник им се насладуваше на земјата, луѓето, планините, фолклорот. Како новинар беше фасциниран од сложените политички состојби кои македонскиот народ со векови го држеа под власт на околните сили и во своите написи за регионот јасно и остро ја избра страната на експлоатираниот и поробен Македонец. Како писател ги романтизираше односите помеѓу поробувачите и поробените („Ориент Експрес“) и го прикажа развојот на една љубовна приказна во градот Охрид („Свадбата на седумте Цигани“). Мишо Јузмески настапува како фотограф, писател и како туристички амбасадор веќе подолго време, промовирајќи ја својата земја во туѓина, и некаде во деведесеттите години наиде на тој странски писател кој во своето срце ја носеше неговата земја. Благодарение на залагањата на Јузмески, во македонските срца израсна посебен однос со Холандија и Холанѓаните. За таа врска и благодарноста на Македонија кон тој посебен холандски писател станува збор во оваа книга, којашто, се надеваме, ќе си го најде патот до секој оној кој има интерес за оваа земја со нејзината вековна историја и секако уште повеќе до Холанѓаните кои веројатно (повторно) се запознаваат со еден прочуен холандски писател/новинар и голем граѓанин на светот, стои во поговорот на последното дело на Јузмески.

Книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ наскоро треба да биде објавена и на холандски јазик, во превод и редакција на Херард Пулвејк.