Свет
14. November 2018 - 11:29

До ублажување на климатските промени најверојатно нема да дојде, тврди експерт

До посакуваниот степен на ублажување на климатските промени најверојатно нема да дојде бидејќи потрошувачката на енергија не се ограничува во согласност со Парискиот договор, вели климатскиот експерт Вофганг Крамер.

На дводневната средба на новинари од Медитеранот кои ги настаните поврзани со животната околина, Крамер потсети дека употребата на енергија е „срцето на актуелните климатски промени“, и изнесе проценки дека според плановите на владите таа до 2030 година ќе се зголеми за 40 отсто, додека поодлучни политики би требале да го задржат растот на потрошувачката на енергија на 20 отсто.

– Потрошувачката на енергија, според конзервативно сценарио до 2030 година на Средоземјето би можела да надмине 1,4 милијарди тони еквивалентна нафта, додека проактивното сценарио налага потрошувачка малку поголема од 1,2 милијарди, вели Крамер.

Тон еквивалентна нафта е количина енергија која се ослободува со спалување на еден тон стурова нафта и изнесува околу 11.630 киловат часови.

Крамер додава дека без целосно исфрлање на јагленот од прозводствот на енергија до 2050 година, за што исто така е потребно значително намалување на употребата на енергија, на Медитеранот нема да биде можно да се постигне одржлив развој.

Климатските промени посебно го засегаат Средоземјето, каде просечната годишна температура на воздухот се зголеми за 1,6 Целзиусови степени  во однос на 1880 година, додека светскиот просек е 1,2 Целзиусови степени , изјави тој.