Спорт плус
7. February 2018 - 15:44

До септември нов закон за спорт, најавена изградба на Дом на спортот

Премиерот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев најави дека до месец септември ќе биде изготвен закон за спорт, кој ќе опфати десетгодишна стратегија за развој на спортот во државата. 
 
Премиерот Заев најави повеќе решенија преку кои државата ќе се обиде да ги подобри состојбите во спортот, а со тоа ќе се придонесе и во постигнување на врвни спортски резултати. Воедно беше најавена и изградба на заеднички Дом на спортот, во кој ќе бидат сместени сите национални спортски федерации. 
 
Спортистите и спортските работници мора да го добијат заслуженото место во нашето општество, а со заедничките мерки кои ќе ги спроведеме со Агенцијата за млади и спорт, ќе направиме постојана и стабилна финансиска поддршка за спортот, како и соодветна инфраструктура рече премиерот Заев, по денешната работна средба со голем број на претставници во националните спортски федерации, клубови, како и спортисти и спортски работници. 
 
„Системската поддршка на спортот од страна на државата е клучна, за остварување високи спортски резултати, како и за достоинствен живот и работа на сите спортисти и спортистки. Има амбиент во државата. Рековме политиката аут од спортот. Денеска бевме сите од политички партии овде да го поддржиме спорт. И јас апелирам да се растеретиме од политиката да се вклучиме во најважната споредна работа на светот – спортот со која сме врзани сите, ако не лично тогаш преку децата“, изјави Заев. 
 
Посебно внимание мора да биде посветено на наставните програми по физичко образование и култура, за што е најавено и изградба на базени во склоп на поголемите училишта во неколку општини. 
 
Деканката на Факултетот за Физичко образование спорт и здравје, Ленче Алексовска – Величковска, ги истакна трите цели кои со оваа стратегија ќе се придонесе за поголем развој во спортот, но и подобро општество во државата.
 
„Мора да биде зголемено вниманието на децата во сите возрасти, преку нови методи на физичко образование со кои ќе придонесеме пред се за изградба на здрави личности. Едукацијата на стручните кадри како во процесот на образование така и во спортските клубови, е приоритет преку кој може да постигнеме врвни резултати. Секако, важен сегмент е поврзувањето на науката и спортот во целина, преку што може да изградиме не само спортска туку и здрава нација“ изјави Алексовска – Величковска. 
 
Македонската кошаркарска легенда Тодор Гечевски не го криеше задоволството што конечно низ една ваква дебата сите учесниците се сложија, дека домашниот продукт, спортист, е најважен и дека, но и дека државата ќе мора да поработи повеќе во имплементацијата на законот за финансирање во спортот, кој мора да се унапреди, со цел да им се помогне спортистите и спортот во целост. 
 
Премиерот Заев најави и изградба на заеднички Дом на спортот, во кој ќе бидат сместени сите 32 национални спортски федерации. 
 
„Локацијата е отприлика определена. Крај реката Вардар спротив стадионот. Дел од средствата се веќе обезбедени преку Македонскиот олимписки комитет, а државата треба да допартиципира. Затоа верувам дека тоа е возможно и дека е може да започне изградбата уште годинава“, изјави Заев. 
 
За крај Заев, уште еднаш потенцира дека Владата ќе спроведува политика за развој на спортот, но порача дека политиката и политичарите мора да ги тргнат рацете од спортот.