Македонија
12. January 2017 - 16:35

До крајот на оваа недела се очекува старт на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање влада

До крајот на оваа недела се очекува официјалниот старт на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање на новата владина коалиција. Партиски извори за Сител откриваат дека преговорите ќе се водат без голема медиумска помпа, а за евентуалниот договор граѓаните ќе бидат навремено информирани.

Лидерот на ДУИ во последното интервју потенцираше дека согласно мајскиот договор на кој инсистираше токму неговата партија, победниците во македонскиот и албанскиот политички блок треба да ја предводат владата.
Ахмети потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има најголем капацитет на политичката сцена и го има легитимитетот во македонскиот етнички блок бидејќи 100% од нивните гласови се од етнички Македонци за разлика од СДСМ, партија за која гласаа и Албанците.
Ахмети денеска заедно со раководството на ДУИ во Мала Речица ќе ги договара позициите пред официјалниот старт на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата политичка партија во земјава вчера имаше состанок на извршниот комитет од кој беше упатена порака дека е време да се стави крај на кризата а на Груевски му беше даден полн легитимитет да ги води преговорите. Денеска во ВМРО-ДПМНЕ состанок има и централниот комитет како највисоко партиско тело за да ги потврди вчера донесените одлуки.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на неделава го доби мандатот за формирање на новата Влада од Претседателот Иванов како предводник на партијата победник на изборите.
Тој има уште повеќе од две недели за да обезбеди мнозинство во Собранието и да го формира својот кабинет. ВМРО-ДПМНЕ на изборите освои 51 пратеничко место. Десетте пратеници на ДУИ се доволни за мнозинство во законодавниот дом, иако не се исклучува опцијата во коалицијата да се приклучи уште некоја од албанските политички партии