Свет
17. јуни 2020 - 11:26

До крајот на неделава милион заразени со коронавирусот во Бразил

Во Бразил, според очекувањата, бројот на заразени со новиот коронавирус до крајот на неделава ќе достигне еден милион, а земјата, после САД, регистрира најголем број случаи.

Во последните 24 часа во Бразил е постигнат нов рекорд – регистрирани се 34.918 новозаразени, со што вкупниот број се зголеми на повеќе од 920.000, јави Би-Би-Си.

Во истиот период починале 1.300 луѓе, со што вкупниот број се зголеми на 45.241 жртви.

Според експертите, бројот на заразени и починати не покажува знаци на забавување на вирусот, поради што земјата се смета за нов епицентар на коронавирусот, во која состојбата се влошува од ден на ден.

Во оддалечените делови на Амазонија, каде што пристапот до интензивна нега и болничко лекување е тежок и каде живеат домородни народи, најважна е превенцијата, поради што жителите на овие области користат традиционална хербална медицина.