Македонија
13. October 2019 - 16:45

До крајот на месецов ќе биде готов националниот регистар на пациенти за трансплантација

Над 300 бубрежно болни кои одат на дијализа имаат потреба од пресадување на бубрег а досега се типизирани 150 од нив. За педесетина граѓани со срцева слабост спасот е ново срце а има болни кај кои треба трансплантација на бели дробови. Конечно здравствените власти прават национален регистар на пациенти на кои им се неопходни нови органи а најавуваат и соработка со Еуротрансплант.

-Тоа ќе значи, на нашите пациенти на кои им треба органи а доколку во тие земји донираните органи не им одговараат на нивни пациетни, ќе имаат шанса нашите, но и обратно, и кај нас ако има кадавер и некои органи не одговараат за наши пациенти ќе одат за пациенти од европски земји, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Со потпишаните договори со Изреал и Турција, експерти од овие земји ќе помагаат за изведување на трансплантации кои досега не биле правени во нашата земја. За срцево болните оваа година почнаа интервенции со вградување на механичко срце кое треба да им помогне на пациентите се додека не добијат нов орган.

-До сега не е направено а знаеме дека има пациенти кои се во краен стадиум и затоа почна со механичко срце за поддршка. Сакаме тој систем да го средиме, да знаеме на кој пациент што му е потребно, вели Филипче.

И додека се подготвува електронскиот национален регистар, годинава осум пациенти кои одеа на дијализа добија бубрег преку 4 кадаверични трансплантации.