Бизнис
30. April 2019 - 12:37

До крајот на мај земјоделците може да конкурираат за набавка на трактори

Од денеска до крајот на мај, земјоделските стопанства ќе може да конкурираат за добивање средства за набавка на трактори. Овој повик се реализира согласно тековните и планирани рокови по програматата за рурален развој. Вкупните прифатливи трошоци по поединечен корисник за набавка на трактор изнесуваат до 3.500.000 денари. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво, информираат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Од Агенцијата појаснуваат дека финансиската поддршка се исплаќа по принципот на ко-финансирање на реализирани и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Но, процентот на ко-финансирање се зголемува на 55 отсто од вредноста на инвестициите доколку носителот на земјоделско стопанство е млад земјоделец (од 18 до 40 години старост). Шеесетотстотно кофинансирање е предвидено доколку инвестицијата се реализра во подрачје со ограничени можности, 65 отсто кофинансирање од вкупната вредност се доделува за инвестиции поднесени од млади земјоделци чии што земјоделски стопанства се наоѓаат во подрачје со ограничени можности и 75 итсто кофинансирање  е предвидено  за инвестиции во недостапни рурални заедници.

Оваа година во Програмата за рурален развој двојно е зголемена  вкупната финансиска поддршка за набавка на трактори. Односно од минатогодишните 30 милиони денари, годинава за оваа намена издвоени се 60,2 милиони денари.

-Барателите кои сакаат да конкурираат за добивање на оваа финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локацијата  на инвестицијата, податоци за инвестицијата и електронски да ги прикачат потребните документите предвидени за мерка 121, Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства подмерка 121.4.Набавка на трактори, велат од Агенцијата.

Сите заинтересирани лица треба да имаат минимум производствен капацитет од 2 ха за производство на различни или на една земјоделска култура и минимум  0,5 ха за производствен капацитет на зеленчук на отворено.

- Преку овој повик може да се набават трактори, но, не и приклучна земјоделска механизација. Приклучна механизација во иднина ќе може да се набавува преку ИПАРД програмата на некои од наредните повици. Барателите кои биле корисници на финансиска поддршка за набавка трактори преку ИПАРД Програмата и Националните програми за финансиска поддршка на руралниот развој за претходните пет години, не се прифатливи како корисници на оваа мерка, посочуваат од АФ.

Сите заинтересирани, барањата може да ги поднесат електронски по извршена регистрација на  e-baranje.ipardpa.gov.mk.

Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања по различни мерки земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.

Барателите кои ги исполниле условите за користење на средства за мерките 121 се рангираат со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој.

Барањата со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барањето на e-baranje.ipardpa.gov.mk, барателите не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред потпишување на Договор за ко-финансирање со Агенцијата, а барањата кои не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат.

Упатството за регистрација на барателите во системот за електронско поднесување на барање може да се превземе на почетната страна e-baranje.ipardpa.gov.mk.

Електронски пополнетите барања за финансиска поддршка потребно е да се превземат, испринтаат и да се потпишат и заедно со целокупната пропратна документација да се достави до Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во затворен коверт на кој на предната страна во горниот лев агол стои Барање за финансиска поддршка и Архивски број на Барањето (0419-12116-ХХХХ/1). Барањето може да се достави по препорачана пошта или лично во писарницата на Агенцијата, во спротивно Агенцијата не превзема одговорност за ненавремено и некомплетно пристигнување во писарницата или предвремено отворање на барањето.